ОПШТИНА ШТИП ВО СВОЈСТВО НА ОРГАНИЗАТОР РАСПИШУВА:
МЕЃУНАРОДЕН КОНКУРС
ЗА ИЗБОР НА КОМПОЗИЦИИ ЗА 30-ТОТО ИЗДАНИЕ
НА ФЕСТИВАЛОТ НА ЗАБАВНИ МЕЛОДИИ
МАКФЕСТ 2016
ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ
Фестивалот МАКФЕСТ 2016 ќе се одржи вo првата половина на месец јуни 2016 година во Штип, Р. Македонија и ќе презентира вкупно 30 нови забавни мелодии. Во 3-те дена колку што е предвидено да трае фестивалот, ќе се одржат 2 полуфинални вечери, секоја со по 15 композиции и една финална вечер со вкупно 18 композиции, односно по 9 композиции од секоја полуфинална вечер кои ќе бидат избрани по пат на гласање. Предвиден е директен телевизиски пренос на трите фестивалски вечери, а изведувачите ќе настапуваатво живо во придружба на Ревискиот оркестар на МРТВ.
Општина Штип во својство на организатор заедно со Министерството за Култура на РМ во својство на генерален покровител, на крајот на третата финална вечер ќе се доделат седум парични награди и едно признание, односно:
– 1-ва награда во износ од 10.000 евра, која ќе биде доделена според вкупниот број на освоени гласови во финалната вечер;
– 2-ра награда во износ од 7.500 евра, која ќе биде доделена според вкупниот број на освоени гласови во финалната вечер;
– 3-та награда во износ од 5.000 евра, која ќе биде доделена според вкупниот број на освоени гласови во финалната вечер;
– Награда за најдобра вокална изведба во износ од 1.000 евра која ќе му се додели на најдобриот изведувач согласно одлука донесена од страна на стручна комисија;
– Награда “ДРАГАН ЃАКОНОВСКИ – ШПАТО” за најдобар аранжман во износ од 1.000 евра која ќе му се додели на најдобриот аранжер согласно одлука донесена од страна на стручна комисија;
– Награда за најдобар дебитант во износ од 1.000 евра која ќе му биде доделена на најдобриот интерпретатор согласно одлука донесена од страна на стручна комисија;
– Награда за најдобар сценски настап во износ од 1.000 евра која ќе му биде доделена на најдобриот интерпретатор согласно одлука донесена од страна на стручна комисија; и
– Признание за најслушана композиција помеѓу два фестивала која ќе им биде доделена на авторите и изведувачите согласно одлука донесена врз основа на претходно изјаснување на 5 национални радио станици;
УСЛОВИ ЗА УЧЕСТВО НА КОНКУРСОТ
– На Конкурсот може да учествуваат сите заинтересирани домашни и странски автори и изведувачи кои ги поседуваат потребните квалификации и кои сакаат да се истакнат со својот квалитет, способност и креативност.
– Еден изведувач или музичка група може да учествува на Фестивалот најмногу со една композиција.
– Еден автор на музика или текст може да учествува на Фестивалот најмногу со две авторски дела.
– Еден автор на аранжман може да учествува на Фестивалот најмногу со три авторски аранжмани.
– Материјалите на Конкурсот задолжително треба да се пратат под шифра.
– Организаторот нема обврска да им ги врати материјалите на авторите и изведувачите од композициите кои нема да бидат прифатени на Конкурсот.
– Учесниците на Конкурсот на кои ќе им бидат избрани композициите ќе бидат информирани за исходот најдоцна до 25 јануари 2016. Организаторот презема обврска најдоцна до наведениот датум да го истакне списокот со имињата на сите примени композиции на интернет страната makfest.mk. Организаторот нема обрска поединечно да ги информира оние автори чии композиции нема да бидат примени на Конкурсот.
– Организаторот со авторите и изведувачите чии дела ќе бидат избрани на Конкурсот, ќе склучи договор и ќе им исплати надомест во износ од 30.000 денари. Со склучување на договорот, авторите и изведувачите имаат обврска на Организаторот да му ги пренесат правата за прво јавно изведување, за радиодифузно емитување, за тонско и видео снимање, умножување и продажба на носачи на слика и звук, објавување на тонските и видео записите на интернт и друго, како и право организаторот некои од овие права да ги пренесува на трети лица.
– Организаторот ќе стане сопственик на фонограмот што ќе биде снимен.
– Постпродукцијата на сите примени композиции ја реализира организаторот.
– Изборот на композициите што ќе бидат премиерно изведени на Фестивалот на забавни мелодии Макфест Штип – 2016 ќе биде направен од страна на селекциона комисија.
УСЛОВИ ЗА ИЗГОТВУВАЊЕ КОМПОЗИЦИЈА
Авторите се должни да достават оригинална композиција напишана за вокал и ревиски оркестар изработена во духот на македонската модерна забавна музика. Композицијата треба да биде оригинална и досега неизведувана. Квалитетот на песните треба да биде во сооднос со реномето на Фестивалот. Композициите доставени на Конкурсот не треба да бидат подолги од 3’30”. Текстот на композицијата треба да биде на македонски јазик.
На Конкурсот нема да бидат земени на разгледување оние композиции во кои се промовира говор на омраза, расна или верска нетолеранција, во кои се кршат човековите права или се заговара употреба на недозволени средства;
УПАТСТВО ЗА ИСПРАЌАЊЕ НА МАТЕРИЈАЛИТЕ НА КОНКУРСОТ
Конкурсниот труд треба да биде доставен во затворен плик со димензии А4 формат на кој од предната страна ќе биде испишан следниот текст:
ДО ОПШТИНА ШТИП
УЛ. „ВАСИЛ ГЛАВИНОВ“ 4Б
2000 ШТИП, Р. МАКЕДОНИЈА
ЗА ФЕСТИВАЛОТ НА ЗАБАВНИ МЕЛОДИИ МАКФЕСТ 2016
– КОНКУРС
Конкурсниот труд треба да ги содржи следните материјали:
1. Композицијата треба да се достави со испишана мелодиска линија отпечатена во два идентични примерока на А4 формат;
2. Текстот за песната треба да се достави испишан со кирилско писмо и отпечатен во два идентични примерока на А4 формат;
3. Аранжманот за композицијата треба да биде распишан за вокал и ревиски оркестар, треба да биде комплетно изработен и потребно е да се достави во еден примерок отпечатен на А4 формат;
4. Демо снимката од композицијата треба да биде снимена на АУДИО ЦД и треба да се достави во два идентични примерока.
ВАЖНО ПРАВИЛО:
На погоре наведените материјали треба да стои само насловот на песната. На ниту еден од нив НЕ СМЕЕ да бидат наведени имињата на авторите или изведувачите. Материјалите на кои ќе биде забележано отстапување од наведеното правило, нема да бидат земени на разгледување.
5. Податоците за авторите и изведувачите задолжително треба да бидат доставени во посебен затворен бел плик во стандардна димензија. Ковертот од предната страна треба да има назнака: ПОДАТОЦИ ЗА АВТОРИТЕ – НЕ ОТВОРАЈ! Веднаш под назнаката треба да се наведат: шифрата и насловот на композицијата. Пример:
ПОДАТОЦИ ЗА АВТОРИТЕ – НЕ ОТВОРАЈ!
ШИФРА: МАКФЕСТ 2016
НАСЛОВ НА КОМПОЗИЦИЈАТА: ЉУБОВ
Податоците за секој автор поединечно треба да се отпечатени на посебен лист и треба да ги содржат следните информации:
– Име и презиме на авторот;
– Вид на дело/дела кое го има изготвено авторот (музика, текст или аранжман);
– Наслов на композицијата;
– Адреса;
– Мобилен телефон;
– Фиксен телефон;
– Емаил;
Податоците за секој изведувач поединечно треба да се отпечатени на посебен лист и треба да ги содржат следните информации:
– Име и презиме на изведувачот;
– Наслов на композицијата;
– Адреса;
– Мобилен телефон;
– Фиксен телефон;
– Емаил;
Податоците за музичка група треба да се отпечатени на еден лист и треба да ги содржат следните информации:
– Име на групата;
– Имиња на сите членови од групата;
– Овластен претставник на групата;
– Наслов на композицијата;
– Адреса од овластениот претставник;
– Мобилен телефон од овластениот претставник;
– Фиксен телефон од овластениот претставник;
– Емаил од овластениот претставник;
6. Секој автор на музика, текст и аранжман е должен да достави нотарски заверен документ, во кој ќе биде содржано:
– Изјава дека композицијата е лично авторско дело кое претходно не било изведувано;
– Изјава за согласност за процентуална распределба на паричните средства од надоместот;
– Изјава за согласност за процентуална распределба на паричните средства во случај на евентуално освоена награда 1-во, 2-ро или 3-то место;
Изјавите од авторите задолжително треба да бидат доставени во посебен затворен бел плик во стандардна димензија. Ковертот од предната страна треба да има назнака: ИЗЈАВИ ОД АВТОРИТЕ – НЕ ОТВОРАЈ! Веднаш под назнаката треба да се наведат: шифрата и насловот на композицијата. Пример:
ИЗЈАВИ ОД АВТОРИТЕ – НЕ ОТВОРАЈ!
ШИФРА: МАКФЕСТ 2016
НАСЛОВ НА КОМПОЗИЦИЈАТА: ЉУБОВ
НАПОМЕНА:
Материјалите кај кои ќе бидат забележани недостатоци или неуредна достава, нема да бидат земени на разгледување.
РОК ЗА УЧЕСТВО НА КОНКУРСОТ
Последен рок за учество на конкурсот е 10 јануари 2016 година. Во предвид ќе бидат земени материјалите кои ќе бидат испратени по пошта најдоцна последниот ден од Конкурсот и ќе содржат валиден поштенски жиг, како и материјалите кои најдоцна последниот ден од конкурсот ќе бидат уредно заверени во архивата на Општина Штип до крајот на работното време.
МАКФЕСТ 2016
Организатор:
ОПШТИНА ШТИП