Прва прес конференција за „Макфест 2016: 23 домашни и седум странски пејачи ќе пејат на фестивалот.

press1_
Во „Порта Македонија“ во Скопје се оддржа првата прес конференција за фестивалот на забавни мелодии „Макфест 2016“.Фестивалот ќе се оддржи на 2,3 и 4 јуни во НУЦК „Ацо Шопов“ во Штип по 31. пат.
Пред присутните новинари, автори и изведувачи, новиот директор на фестивалот Љупчо Мирковски кој по 21 година се враќа на оваа позиција, ги објасни сите детали и поединости околу годинешново 31 издание кое ќе се одржи на 2, 3 и 4-ти јуни традиционално, во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип.
Фестивалот е поделен во двеполуфинални вечери со по 15 песни и една финална вечер во која ќе настапат избрани 18 или 20 композиции. Начинот на гласање годинава е променет како и самата структура на фестивалот на кој , како што кажа директорот Мирковски, му е вратен интернационалниот карактер со тоа што на „Макфест 2016“ ќе настапат и 7 странски изведувачи од неколку европски земји, кои ќе пеат на неколку јазици: германски, англиски, шпански, српски…!
Имено, според новите пропозиции, кај учесниците од Европа и од регионот нема да има ограничувања на јазикот на кој ќе се интерпретира песната, па тоа значи дека годинава на штипскиот фестивал не е исклучена можноста да триумфира композиција која ќе ја изведе странски изведувач, а истата нема да биде отпеана на македонски јазик:
– Некои велат, пееме на македонски јазик за да го промовираме нашиот јазик…ама јас би ве прашал, каде ние тоа го промовираме? Во Македонија, каде што се зборува на Македонски ? Од тој аспект, малку е чудно ова, од друга страна во правилникот пишува дека песната треба да е напишана на македонски но никаде нема услови и да биде отпеана на македонски. Ние ќе видиме како ќе биде годинава, па ако моделот е добар ако треба ќе го промениме и правилникот – кажа Мирковски.
Потврдени настапи на изведувачите од Шведска, Австрија, Словенија, Србија, Норвешка и Германија, а од попознатите македонски имиња, меѓу другите ќе ги видиме: Александра Јанева, Викторија Лоба, Џина Папас – Џокси, Сара Мејс, Александра Михова, Ања Ветерова, Ѓоко Танески, Зоран Рудан-Цеки, Сара Мејс, Симона Попоска, Иван Раденов…!
Гласањето е поделено во три сегменти, па така за најдобрите песни на фестивалот ќе гласаат стручно жири составено од тројца странци и двајца домашни еминентни музички дејци, потоа публиката преку телевоутингот и на крај самите изведувачи кои ќе можат да гласаат за три композиции од своите колеги, но разбирливо, не и за себе.
– Златна формула нема, ние бараме нешто кое ќе биде најблизок одраз до реалноста и да кажам искрено полно пати и самата публика во Штип знаела да избере вистински, кога се во прашање победничките песни, така што ќе видиме како ќе се покаже овој модел. Фестивалот е жива материја и некои работи мора да се пробаат за да знаеме што е добро а то не – кажа Мирковски.
Редоследот за настап на изведувачите во двете полуфинални вечери одделно, беше одреден на денешната прес конференција по пат на извлекување.

press2_
Исто така предвиден е директен телевизиски пренос на трите фестивалски вечери, а изведувачите ќе настапуваат во живо и нив на сцената во Домот на културата „Ацо Шопов“ ќе ги придружува Ревискиот оркестар на МРТВ. Водител на фестивалот годинава ќе биде познатиот радио и ТВ водител Димитар Атанасовски.
По неколкугодишниот пропуст, годинава ќе има и фестивалско ЦД со сите песни кои овинарите ќе го добијат на рака на денот на одржувањето на првата полуфинална вечер._